Monday, November 18, 2013

Што те прави клет?



Додека си мал сите се трудат да одговараат на твоите желби и каприци, несвесни дека со тоа само те разгалуваат. Тие те контролираат сè додека не можеш да одиш, но кога почнеш да ползиш веќе самиот имаш способност да го оствариш науменото без да ти биде потребна нечија помош и така воопшто никој не те знае. Сепак, на твоите уште си им на видик, уште можат да ти преречат или да ти забранат нешто за кое што мислат дека не е исправно.
Сега со проодувањето знаеш дека целосно си слободен, но некако желбите за кои не си имал трпение да ти ти станат достижни и остварливи ти се бришаат од главата. Почнуваш да созреваш и да ги осознаваш вистинските вредности. Вредности кои ги постигнуваат другите околу тебе и изгледаат задоволно поради тоа. Меѓутоа, повторно зборуваме за остварување на желби. Целиот животен пат ни е исполнет со цели кои треба да ги постигнеме за да се искачуваме едно ниво погоре и да се инволвираме во подлабокиот слој на општеството. Патот кој го минеме сепак не е целосно сигнализиран. Ние самите ги бираме насоките по кои ќе тргнеме и се обидуваме да се ослободиме од лавиринтот во кој влегуваме ако не внимаваме доволно. Еден неуспех и веќе почнуваме да се откажуваме, да се лутиме на сè околу нас. Тогаш на површина испливуваат нашите негативни особини кои како плима и осека може повторно да ги испратиме на дното, зависно од тоа колку сме клети. Колку долго може да стиснеме тупаница и да останеме смирени сè додека не дојдеме до паметно решение.

Барајќи ја вината во другите губиме од нашата вредност, сè додека не си признаеме дека токму ние не сме вложиле доволно труд за да ни успее замислената цел и не сме го употребиле нашиот целосен потенцијал. Кога ќе го сфатиме тоа, поимот „клет“ ќе може да го препознаеме само во очите на  другите околу нас, ама никој нема да може да го препознае кај нас. Ќе исчезне.

Tuesday, November 5, 2013

Незаинтересираноста на младите – причина за неуспех

Пиејќи ја последната голтка од кафето потајно се надевам дека конечно ќе се расонам и ќе почнам да функционирам нормално со своите секојдневни активности. Не знам дали кафето дава енергија или едноставно, помислата на тоа дека со пиењето кафе се добива енергија. Понекогаш убедени од нечии зборови, без притоа да се обидеме практично да го докажеме тоа, правиме работи за кои сме сигурни дека ќе успеат. Се залагаме целосно во нив, но на крај сфаќаме дека освен вербата дека ќе успееме се потребни уште ред други работи. Поддршката од другите и не е така битна ако идејата која ја разработуваме има цврста основа и знаеме дека ќе предизвика посилни реакции кај останатите.

            Барајќи постојано некој да не поттикне за да почнеме со одредена активност ни го намалува нивото на самодоверба и стануваме зависни од другите и нивното мислење за нас. Губејќи го својот став, лесно потпаѓаме под туѓи влијанија и потоа другите ги обвинуваме за последиците. Ставајќи го прстот на главата се задлабочуваме во нашите мисли и се обидуваме да го пронајдеме вистинското јас. Она кое претходно успевало во секој предизвик што се испречувал на патот, што ја минело секоја пречка само за да ја стигне целта и да се задоволи, како и себеси, така и другите. Ако не успее да исплива на површина тогаш ние заедно со него паѓаме на дното. Дното може да биде океан или пак може да биде само една бездна во која бесконечно се паѓа и над нас само го гледаме врвот каде што треба да се искачиме. Врвот кој претходно ни припаѓал нам и сме знаеле како да го оправдаме своето владеење со него. Барајќи ја вината во другите уште повеќе се лажеме себеси дека ќе ја избегнеме енигмата која постепено не заобиколува. Не можејќи да го најдеме виновникот, ја избираме незаинтересираноста, која цело време била на судењето и се вметнала во размислувањата на поротата. Трансот не е ни приближен збор со кој може да опишеме како се чувствува една личност која занемарливо гледа на работите, чекајќи да помине нивното време за извршување без притоа да знае дали тоа време е максимално искористено и дека е необновливо.


            Патот кој го чекориме за да ја иградиме својата личност, навидум е асфалтиран и само сериозен пад може да ни ги оштети колената. Но, се наоѓаат и дупки каде што некој не внимавал како минува и оставил пречка која може да не врати назад со милји па да мора да почнеме сè од почеток. Гледајќи на работите онакви какви што се, без да пробаме да ја игнорираме нивната вистинска вредност е причина плус за успех. Успех кој ќе не исполни целосно и ќе ни помогне да го живееме својот вистински дух онака како што му е прикладно и на телото.