Monday, December 9, 2013

Во свет без илузии човекот се чувствува странец

Последната голтка од кафето што ја испи можеби и не ти беше многу убава. Таму се собрал  талогот од кафето поради тоа што си немал време да го размешаш со лажичка. Постојано си на штрек дали сето тоа што го правиш е правилно и не размислуваш за обичните ситници кои можат да ти забијат нож во грбот.
Дали се имаш подзамислено ако ги оставиш работите да течат по својот ред, како ќе се одрази тоа врз тебе? Дали ќе бидеш посреќен ако едноставно не се грижиш за скинатото конче врз твојот капут и што мислат другите за тоа? Дека си немарлив, не обрнуваш внимание за изгледот...                
Во почетокот сè ќе ти биде едноставно и сувишно. Но, потоа и тоа ќе ти стане досадно. Согледувајќи ги работите, знаеш дека подобро се инволвираш во општеството ако гледаш и за другите, ако ги сослушуваш нивните проблеми и маки и (можеби) ако им ги споделуваш своите. Тука веќе го губиш својот леден трон кој си го поседувал со гордост ама твојот цврст став може сè уште да се развива.
Од тебе зависи кој карактер ќе бидеш пред другите и пред самиот себе. Ако сонот што го започнуваш секоја вечер има недостаток од мечти и цели кон кои се стремиш и сакаш да ги оствариш тогаш во твојата душа недостасува „витаминот“ еуфорија. Ликот на Албер Ками во „Странецот“ е оној кој што загинува поради недостатокот на тој „витамин“ и поради својата рамнодушност што ја распостелува каде и да стапне.

Надевајќи се кон подоброто можеби и нема да ти донесе услови за егзистенција, ама значително може да ја зацврсти твојата самодоверба и да ти помогне во градењето на твоето сопствено „јас“. Надежта сепак е само илузија која може да те маѓепса, но не умира ако не и дозволиш. Умира само кога ќе ја напишеш со ш.