Пиејќи ја последната голтка од кафето потајно се надевам дека конечно ќе се
расонам и ќе почнам да функционирам нормално со своите секојдневни активности.
Не знам дали кафето дава енергија или едноставно, помислата на тоа дека со
пиењето кафе се добива енергија. Понекогаш убедени од нечии зборови, без притоа
да се обидеме практично да го докажеме тоа, правиме работи за кои сме сигурни
дека ќе успеат. Се залагаме целосно во нив, но на крај сфаќаме дека освен
вербата дека ќе успееме се потребни уште ред други работи. Поддршката од
другите и не е така битна ако идејата која ја разработуваме има цврста основа и
знаеме дека ќе предизвика посилни реакции кај останатите.
Барајќи постојано некој да
не поттикне за да почнеме со одредена активност ни го намалува нивото на
самодоверба и стануваме зависни од другите и нивното мислење за нас. Губејќи го
својот став, лесно потпаѓаме под туѓи влијанија и потоа другите ги обвинуваме
за последиците. Ставајќи го прстот на главата се задлабочуваме во нашите мисли
и се обидуваме да го пронајдеме вистинското јас. Она кое претходно успевало во
секој предизвик што се испречувал на патот, што ја минело секоја пречка само за
да ја стигне целта и да се задоволи, како и себеси, така и другите. Ако не
успее да исплива на површина тогаш ние заедно со него паѓаме на дното. Дното
може да биде океан или пак може да биде само една бездна во која бесконечно се
паѓа и над нас само го гледаме врвот каде што треба да се искачиме. Врвот кој
претходно ни припаѓал нам и сме знаеле како да го оправдаме своето владеење со
него. Барајќи ја вината во другите уште повеќе се лажеме себеси дека ќе ја
избегнеме енигмата која постепено не заобиколува. Не можејќи да го најдеме
виновникот, ја избираме незаинтересираноста, која цело време била на судењето и
се вметнала во размислувањата на поротата. Трансот не е ни приближен збор со
кој може да опишеме како се чувствува една личност која занемарливо гледа на
работите, чекајќи да помине нивното време за извршување без притоа да знае дали
тоа време е максимално искористено и дека е необновливо.
Патот кој го чекориме за
да ја иградиме својата личност, навидум е асфалтиран и само сериозен пад може
да ни ги оштети колената. Но, се наоѓаат и дупки каде што некој не внимавал
како минува и оставил пречка која може да не врати назад со милји па да мора да
почнеме сè од почеток. Гледајќи на работите
онакви какви што се, без да пробаме да ја игнорираме нивната вистинска вредност
е причина плус за успех. Успех кој ќе не исполни целосно и ќе ни помогне да го
живееме својот вистински дух онака како што му е прикладно и на телото.
Одлично напишано!
ReplyDeleteФала :))
Delete