Sunday, January 25, 2015

Продорен поглед



Недоживеаниот момент со тебе. Или, неизживеаниот. Сме се имале повеќе пати ама не како што сакаме. Допирите предизвикувале емоции од кои кожата се ежела, сакајќи наеднаш да се оттргне од телото и да го остави без покривка. Но, душата не дозволувала да биде соголена, не сакала да биде видена од твоите очи во кои се крие изворот на жедта. Жед за уште, и уште. Би се засрамила ако се открие пред тотален странец кој во неа го бара само хедонизмот за да може после да го испушти низ здивот и да се предаде на сонот.
Колку физичка поврзаност е потребна за да можат тие две тела отпосле да ги разменуваат бурните чувства и емоции од дната, па до врвот, без да биде изгубена и најмалата емоција која ја распламтува дивината во нив? Или, погледот е доволен? Да те прострела и да ги означи териториите во тебе кои сака да ги освои. Да извојува победа на секое поле и да остави знак дека бил таму. Колку треба да трае тој поглед? Понекогаш мигот е доволен, понекогаш вечноста е малку.
Насмевката на лицето на оној кој те посакува е неопислива. Не знаеш дали на моменти е искрена, па злобна, па блескава, за на крајот да биде само насмевка која те повикува и не сака да биде одбиена. Зашто, тогаш би се видела само разочараноста во неа. Можеби на виделина ќе излезе и неочекуваноста од поразот. Пораз нанесен само со еден одбивно возвратен поглед. Тогаш сите очекувања се спојуваат во еден тежок камен кој веќе не се задржува на површината. Неговата подлога е премногу слаба и тој едноставно ја пробива, паѓајќи и земајќи ги со себе сите убави спомени стекнати на необјаснив начин.
Ако сме доволно силни, можеме да ги вратиме спомените. Можеме повторно да ги споиме погледите во еден. Меѓутоа никогаш нема да ги исполниме очекувањата за кои веќе не сме свесни дека постоеле. Ќе сакаме да ги пронајдеме, јас во тебе, ти во мене. Ќе го вложиме трудот од кој ќе очекуваме минимална исплатливост. Ама без потреба ќе го трошиме времето убивајќи ја секоја емоција, кршејќи го секое парче надеж кое ветувало свое формирање на камен што нема да пропадне. Бидејќи ќе ја има довербата за своја основа. Бидејќи искреноста ќе биде нејзина потпора.

No comments:

Post a Comment